Обука за локалната самоуправа за анализа на потребите на локалниот пазар на труд
15 Јуни 2017

Во време на брзи технолошки промени, од клучна важност за општествата и властите е да ја разберат динамиката на пазарот на труд, но и понудата и побарувачката на вештини.  За таа цел проектот „Јакнење на доживотното учење“ финансиран од ЕУ, организираше тридневна работилница со наслов „Градење на капацитети за вработените во единиците на локалната самоуправа за подготовка на анализа на потребите на локалниот пазар на труд“ што се одржа во хотел Гарденија во Велес од 13 до 15 јуни 2017.

На работилницата учествуваа 11 претставници од локалните општини, НВО секторот и работничките универзитети од скопскиот, источниот, североисточниот и полошкиот регион на земјава.   

Тимот на обучувачи, г-н Висар Адеми, г-н Александар Костадинов и г-ѓа Неда Малеска Сачмароска, заедно со учесниците елаборираа и дискутираа за неколку релевантни теми поврзани со: стратешко лидерство, креирање на политики и вештини за анализа на пазарот на труд, утврдување визија за развој на пазарот на труд, анализа и употреба на факти како основа за истражување и анализа на пазарот на труд, подготовки за истражување на пазарот, алатки и методологии за предвидување на средината, спроведување на истражување за основни податоци, комуникација со чинители и подготовка на извештаи, извештаи за јавна политика и развој на политики.

Учесниците, кои работеа како група, во текот на работилницата спроведоа истражување на податоци и подготвија анализи за Секторот за туризам во Скопје и за Градежниот сектор во Велес, коишто локалните власти лесно би можеле да ги применат во реални услови.  

Истражувањето на основа на факти за трендовите на локалниот пазар на труд ќе им овозможи на единиците на локалната самоуправа да ги идентификуваат сегашните и идните прашања поврзани со работната сила, да ги идентификуваат стручните профили и вештините кои се бараат и потоа да работат со партнерите од образовните институции на иницирање и подготовка на програми кои ќе одговорат на барањата на пазарот на труд.