Комуникациските вештини се неопходни за наставниците – обуки одржани во Битола и Велес
04 Мај 2017

Во Битола на 19 април година и во Велес на 3 мај 2017 година беа организирани две обуки со посебен фокус на „Комуникациски вештини и односи со јавност“ за професионалци кои работат во областа на доживотно учење, стручно образование и обука и образование на возрасни. Обуката ја реализираше професор Миомир Деспотовиќ од Универзитетот во Белград, како експерт ангажиран во проектот за „Јакнење на доживотното учење“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Британскиот совет.

Главната цел на овие обуки беше да им помогне на учесниците да го подобрат разбирањето на важноста на комуникацијата и односите со јавноста во контекст на доживотното учење, но исто така и да им овозможи да ги користат основните принципи на комуникација во секојдневната професионална пракса.   

Меѓу темите презентирани во текот на обуките беа и теми поврзани со суштината и факторите на успешна комуникација, видови, методи и канали како и потенцијални потешкотии, пречки и повратни информации во комуникацијата.  На сесиите на обуката се дискутираше за концептот и контекстот на доживотното учење како рамка за модернизација на стручното образование и обука и системот за образование на возрасни во земјава, со посебен нагласок на политиката на ЕУ за доживотно учење.  Моделите и правилата на визуелизација и презентација исто така беа истакнати како неизбежен елемент за успешна комуникација со учениците и слушателите.

Сите теми беа презентирани и дискутирани на пленарна сесија, а потоа беа разгледани преку различни методи на активно учење – дискусија во мали групи, игра на улоги, работа во парови, групни игри, решавање на проблеми, итн. Исто така темелно се дискутираше за вербална и невербална комуникација, активно слушање, начини на мотивирање на учениците за активно елаборирање на нивните ставови и разбирање.   

Учесниците постигнаа заедничко разбирање за комуникацијата како основна алатка за настава и учење, а следствено и за личен развој и подобрување.  На крај, учесниците на обуките одржани во Битола и Велес, се согласија дека комуникацијата и односите со јавноста се од огромна важност за доживотното учење и дека менаџерите и другите одговорни органи во СОО и институциите за образование на возрасни треба особено да посветат внимание на развојот на индивидуалните комуникациски вештини на наставниците и обучувачите, особено оние кои се на почетокот на своите кариери.