Најчесто поставувани прашања

Дали сите училишта за стручно образование и обука нудат практично искуство?
Да, сите квалификации за СОО вклучуваат практична настава и учење, во зависност од профилите што ги нуди училиштето. Дел од практичната настава се одвива во просториите на училиштето, а дел во просториите на работодавачите.
Како можам да бидам сигурен дека она што е во тренд сега во однос на вработувањето ќе остане во тренд и кога ќе го завршам училиштето за СОО и ќе бидам подготвен да барам работа?
Кога ги разгледуваме трендовите, тоа го правиме на долг рок, земајќи предвид многу фактори. Со цел да бидат во согласност со потребите на пазарот на трудот, развивме квалификации само за оние работни места што имаат иднина. Па така, иако никој не може да гарантира дека ќе добиете работа, со новите, реформирани програми, вашите шанси за вработување значително се зголемуваат. Меѓутоа, исто така, треба да ги земете предвид вашите преференции/сензибилитетот при изборот на идните занимања.
Што се „меки“ вештини?
Меки вештини се синоним за „вештини за вработување“. Додека со „тврдите“ вештини се објаснуваат техничките вештини и способности на едно лице да извршува конкретни задачи, „меките“ вештини се широко применливи во различни работни места и индустрии. Честопати се вели дека „тврдите“ вештини ќе ве доведат до интервју, но потребни се „меки“ вештини за да ја добиете, и да ја задржите работата. Во однос на образованието, „меките“ вештини се однесуваат на способностите да се прилагодите, да бидете флексибилни, добри во комуникацијата со другите, прилагодливи, а сите тие сега се дел од образовниот процес.
Дали со сертификат од училиштето за стручно образование и обука можам да работам и во други земји?
Да, квалификациите и сертификатите сега се во согласност со Европската рамка на квалификации, што значи дека со овој сертификат ќе можете да работите и во други земји.
Како можам да бидам сигурен дека изборот што сум го направил на 14 годишна возраст е вистинскиот за целиот живот?
Воведувањето на модули, исто така, нуди можност да се направат корекции во текот процесот на учење. Меѓутоа, со цел да бидете сигурни дека оваа одлука е вистинската за вас, можете да се консултирате со советник за кариера, и пред и по запишувањето (со реформите, училишта за СОО сега имаат советници за кариерно советување).
Што се образовни модули?
Модулите се дефинирани како тематски програмски единици во образовните програми за СОО. Модулот претставува комплетна единица со цели и содржини кои интегрираат стручно, теоретско, практично и општо знаење. Индивидуални модули (или неколку модули), може да водат до стекнување на национална стручна квалификација (систем на признавање и оценување на неформално учење) и се во согласност со прописите кои ја регулираат оваа област. Заедничките основни модули се состојат од основно стручно и теоретско знаење и генерички компетенции во одредена област. Задолжителните изборни модули се утврдуваат врз основа на изборни критериуми и бројот на модулите кои лицето ги избрало, со цел да се задоволат минималните критериуми за стекнување на стручен или професионален назив. Со други зборови, едно лице е оперативно квалификувано за вршење на две или повеќе стандарди на занимање. Опционално, училиштата нудат изборни модули во рамките на отворената наставна програма и тие може да вклучуваат нови квалификации од различна програма, па дури и област.
Што значи учење фокусирано на ученикот?
Учење фокусирано на ученикот се однесува на можностите учениците да ги водат активностите за учење, поактивно да учествуваат во дискусиите, да ги дизајнираат своите проекти за учење, да истражуваат теми коишто ги интересираат, и општо земено, да придонесуваат во подготовката на нивните студии. Наспроти тоа, имаме учење фокусирано на наставникот што се однесува на ситуации на учење каде наставникот ги контролира материјалите што учениците треба да ги научат и начините на кои тие ќе учат, на пример, кога, каде, како, и со кое темпо ќе учат. Во одделенијата/класовите каде учењето е фокусирано на наставникот, наставникот има тенденција да биде најактивно лице во просторијата и да зборува поголемиот дел од времето (на пример, со предавање, покажување концепти, читање на глас, или давање на инструкции), а учениците го поминуваат поголемиот дел од времето седејќи во клупи, слушајќи, фаќајќи белешки, давајќи кратки одговори на прашања кои наставникот ги поставува, или извршувајќи задачи и тестови. Воведувањето на учење со фокус на ученикот во училиштата за стручно образование и обука значи поактивен начин на учење, со подобри резултати.
Каков вид на образование треба да имам за да се запишам на програма за образование на возрасни?
Повеќето од програмите им се достапни на лицата со основно образование, но секоја програма има различни услови за запишување, така што треба да проверите какви се условите за програмата на која што сакате да се запишете.
Која е цената на една програма за образование на возрасни?
Цените на програмите за образование на возрасни зависат од понудувачот на образование на возрасни. Ве молиме да ја погледнете веб страницата на ЦОВ – www.cov.gov.mk за ги дознаете цените.
Дали програма за образование на возрасни може да се користи за преквалфикација?
Да, општиот принцип на доживотното учење е поврзан со идејата за креирање на постојани можности за прилагодување кон новите потребни вештини, сè со цел подобро да се одговори на светот што постојано се менува. Затоа, ако работите некаде, но треба да научите нешто ново, или сте ја напуштиле постојната работа и планирате да барате нова работа, програмите за образование на возрасните се вистинско место од каде да почнете.
Дали работодавачите можат да ги запишат своите вработени на програми за образование на возрасните?
Да, работодавачите можат да одлучат да ги запишат своите вработените во случај да имаат потреба од нови вештини, или во случај работодавачот да воведува уште една област на работа во компанијата.
Дали можам да се запишам на универзитет по завршувањето на училиште за стручно образование и обука?
Да. Модуларизацијата има за цел да создаде патишта за проодност до универзитетите од сите квалификации за СОО.